Лионел Меси
Лионел Андрес Меси (шпански: Lionel Andrés Messi, роден на 24 јуни 1987) — аргентински фудбалер кој настапува за екипата за Барселона и репрезентацијата на Аргентина. Се смета за еден од најдобрите фудбалери на својата генерација, а често и за најдобар фудбалер во светот, со неколку номинации за Златна топка и Играч на годината до својата 21. година, а веќе на 22 ги доби и двете. Неговиот стил и вештина потсетуваат на оние на Диего Марадона, кој и самиот го прогласи Меси за свој „наследни.
Меси почнал да игра фудбал на рана возраст и неговиот потенцијал бил набргу забележан од Барселона. Во 2000 година го напуштил клубот Њуелс Олд Бојс од родниот град Росарио и заминал со своето семејство во Европа, бидејќи Барселона му понудила лекување на неговиот здравствен проблем (недостаток на хормонот за раст). Дебитирал во сезоната 2004/2005 и станал најмладиот играч кој дал гол во лигата. Истата година Барселона ја освоила шпанската лига, а во 2006 покрај лигата, ја освоила и Лигата на шампионите. Најмногу се пробил во сезоната 2006/07, станувајќи редовен играч во првиот тим, постигнувајќи хет-трик на Ел Класико со тоа завршувајќи ја лигата со 14 постигнати голови во 26 натпревари од лигата.


Меси бил најдобар стрелец во Светскиот шампионат на младинци на ФИФА во 2005 година со 6 постигнати голови, од кои 2 во последниот натпревар. Веднаш потоа станал и редовен член на сениорската репрезентација на Аргентина. Во 2006 година станал најмладиот Аргентинец што играл на Светското првенство, а во 2007 го освои второто место на Купот на Америка. На Олимписките игри во Пекинг 2008, Меси го освоил своето прво меѓународно признание, олимписки златен медал, со аргентинскиот олимписки фудбалски тим.


Клупска кариера
Барселона
Своето неофицијално деби, Меси го направил играјќи за првата постава против Порто во ноември 2005 година (на 16 годишна возраст). Една година подоцна го направил своето официјално деби против Еспањол. Во октомври 2004 година тој станал трет најмлад играч на сите времиња кои настапиле за ФК Барселона како и најмлад играч во Лигата (рекордот го срушил неговиот пoрaнешен клупски колега Бојан Кркиќ, во септември 2007 година).


Сезона 2018-2019
Во првото коло од сезоната, на натпреварот против „Алавес“, Меси постигнал два гола, од кои првиот бил 6.000-от гол на „Барселона“ во „Ла Лига“. На 18 септември 2018 година, на натпреварот против „ПСВ“, Меси го постигнал својот осми, рекорден хет-трик во Лигата на шампионите, осми хет-трик во 2018 година и вкупно, 48. хет-трик во кариерата (42. хет-трик за „Барселона“).


Репрезентативна кариера
Во јуни 2004 година, Меси дебитирал во дресот за Аргентина, играјќи во младинскиот состав под 20 години во мечот против Парагвај. Во 2005 година, тој бил дел од тимот на нови талентирани играчи кои го освоиле Младинскиот светски шампионат 2005, одржан во Холандија. Таму, Меси ја освоил наградата за најдобар играч на турнирот, а бил и најдобар стрелец. На 4 август 2005 година, Жозе Пекерман го повикал Меси во сениорскиот национален тим на Аргентина. Своето деби тој го направил на 17 август во мечот против Унгарија, на возраст од 18 години и 54 дена. Меси влегол во игра во 63-та минута, но поради ударот со лакт на противничкиот одбранбен играч, Вилмос Ванчак (кој го повлекол Меси за дресот), судијата Маркус Мерк го испратил надвор од теренот, по одиграни само 40 секунди.
Првиот официјален меѓународен настап на Меси бил на 3 септември во квалификациите за Светското првенство, каде што Аргентина била поразена на гостински терен од Парагвај, со резултат 0:1. Пред натпреварот, Меси изјавил: „Ова е правото деби. Првото траеше многу кратко.“ На 28 март 2009 година, во натпреварот против Венецуела, во рамките на квалификациите за Светското првенство 2010, Меси за прв пат го носел аргентинскиот сениорски национален дрес со број 10. Истовремено, тоа бил првиот официјален натпревар за Диего Марадона како селектор на Аргентина. Аргентина победила во натпреварот со резултат 4:0, а Лионел Меси ја отворил серијата на голови.

Награди и признанија
Во текот на својата кариера, Меси повеќепати се нашол на списокот на најдобрите стрелци во Европа. Во сезоната 2009/2010, тој ја добил својата прва „Златна копачка“ како најдобар стрелец во Европа, следната сезона бил втор најдобар стрелец, во октомври 2012 година по вторпат ја добил „Златната копачка“,[53] а истата награда ја освоил и во сезоната 2012/2013. Потоа, во сезоните 2013/2014 и 2014/2015, тој бил втор најдобар стрелец во Европа, а во сезоната 2016/2017 ја освоил четвртата „Златна копачка“.
Во февруари 2014 година, ФИФА го објавила списокот на десетте најдобри фудбалери на светот на сите времиња. Притоа, Меси го зазел седмото место како единствениот активен играч кој се нашол на списокот.
Како потврда за добрите игри, на крајот од 2014 година, Меси бил номиниран меѓу тројцата кандидати за наградата „Златна топка“ која ја доделуваат ФИФА и „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер на светот. Исто така, во изборот на списанието „Ворлд сокер“, со освоени 593 поени, Меси бил избран за трет најдобар фудбалер во светот за 2014 година, пласирајќи се зад Кристијано Роналдо и Мануел Ноер.
Во 2015 година, Меси бил прогласен за најдобар фудбалер на светот во изборот на ФИФА, освојувајќи 41,33% од гласовите, со што по петти пат го освоил ова признание.
Во 2016 година, Меси се пласирал на второто место во изборот на ФИФА за најдобар фудбалер на светот, освојувајќи 26,42% од гласовите. Притоа, тој не се појавил на церемонијата на доделувањето на наградите, исто како и другите кандидирани фудбалери од „Барселона“.














